Во наредните неколку денови ќе изнесеме сознанија во јавноста за бизнис поврзаноста на Заеви и Филипче, ќе расветлиме дали Венко Филипче е претседател на СДС за да може полесно да управува со мрежата фирми од Бугарија преку Петрич и Струмица до Скопје, како семејствата на Заеви и Филипче влегувале во милионски бизниси додека тие биле на функција и како се поврзуваат со фирми со сомнителни дејности. Напомнуваме дека сите овие сознанија веќе беа изнесени во јавноста од ИРЛ, но Венко Филипче и СДС избегнаа секакви одговори, соопшти денеска на прес-конференција Марија Митева, портпарол, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче избегна да одговори на наводите дека во анкетниот лист доставен до Антикорупциската комисија ја скрил фирмата за недвижности од Бугарија која ја пронајдоа истражувачките новинари. Од овде се одмотува клопче тешко милиони евра, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
По парламентарните избори на 8-ми мај 2024, на кои Венко Филипче стана пратеник на СДС доби обврска да го пријави својот имот во ДКСК, недвижен и движен имот, сопствеништво и секаков друг имот. Филипче, до последниот рок за поднесување анкетен лист не ја пријавил фирмата во Бугарија.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на истата адреса со фирмата на Филипче се водат повеќе компании во сопственост на братот и братучедите на поранешниот премиер – Вице, Трајче и Бобан Заеви. Поточно кажано Филипче се вселил кај Заеви.
Зошто Венко Филипче не ја пријавил фирмата во Бугарија во својот анкетен лист? Што сака да скрие Венко Филипче и крие ли извесна адреса која се поврзува со други фирми? Дали Филипче е дел од шема на фирми кои правеле милиони? На овие и многу други прашања ќе дадеме одговори на следните прес-конференции, најави Митева.