Постојат основани сомнежи дека во раководењето и работењето на Агенцијата за филм во изминатите шест години има многу законски прекршувања, како и воочлива апсорпција на клучни функции во мал број одбрани персони, велат од Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.
Нивното соопштение го објавуваме во целост:
„Транспаренси Интернешнл Македонија, како релевантен чинител, деновиве излезе пред јавноста со констатација дека постои судир на интереси во Агенцијата за филм и ги повика надлежните институции да постапат по наодите од направената анализа.
Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ, во неколку наврати, информира и алармира за конкретни состојби во Агенцијата за филм. Имено, во текот на 2022 година доделени се финаниски средства врз основа на објавен Kонкурс за производство на долгометражен игран, краткометражен игран, документарен и анимиран филм во точен износ од 302.050.000 денари или 4,9 милиони евра. На првиот рок на одлучување доделени се 103.350.000 денари, додека на вториот 198.700.000 денари.
Укажуваме дека во 2022 година овие средства не се единствените кои Агенцијата за филм ги доделува со едногодишно или повеќегодишно задолжување. Исто така, Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ посочува и за двојното финансирање на одредени проекти преку Годишната програма на Министертсвото за култура.
Од завршната сметка на Агенцијата за филм за 2022 година, објавена на официјалната веб- страница на институцијата, јасно се гледа дека големиот „борч“ кој се таложи, се прелева во наредната година. Тие средства изнесуваат над 700.000.000 денари, односно повеќе од 11 милиони евра. Оваа информација само дополнително го засилува алармот кој укажува на бројните недоследности во финансиското работење на Агенцијата.
Несовесното и незаконско работење на Агенцијата за филм е видливо и во делот на прибирањето на надоместоци. Конкретно, Агенцијата не постапува според утврдената законска процедура. Не се преземаат навремени мерки за прибирање на средства за што постои законска одговорност за злоупотреба на службената должност и овластување во согласност со Кривичниот закон.
Агенцијата за филм, континуирано во период од повеќе години, склучува договори за договорни услуги со исти лица. Симптоматичен е податокот што кај некои од нив е утврден судир на интерес. Се наметнува прашањето – што всушност плаќа Агенцијата!?
Прашуваме, дали Владата и Министерството за култура од 2017 година, па до денес, увидуваат недостатоци во финансиското работење на Агенцијата за филм? Реторичко прашање, нели? Недостатоци има, и тоа, големи. И сега, дали некој го задолжува директорот на Агенцијата тие недостатоци да ги отстрани? Како го усвојува Владата Годишниот извештај за работа на Агенцијата за филм? Со сериозна анализа или само како информација?
Очигледно, под заштитната капа на Владата и Министерството се раководниот кадар (по завршување на мандатот, без конкурс му продолжува „вечно“ да е вршител на должност) на Агенцијата и одбраните правни и физички лица блиски до ДФРМ.
На потег се институциите на системот во однос на индициите за злоупотреба на службена должност, концентрацијата на моќ и судир на интереси во раководењето и управувањето со Агенцијата за филм, да дадат соодветна правна разрешница и одговор на дилемата – кој кого манипулира!?
Агенцијата за филм ја одигрува својата „улога“ за некого и за нешто. Сепак, според знаењето, способноста и талентот ни „Златна малина“ не можат да освојат. Ќе бидат втори“, велат од партиската комисија.