Сајкоски најавува огромна победа на следните избори

По обемни анализи и теренски истражувања, ВМРО-ДПМНЕ денеска ги комплетираше кандидатските листи за градоначалници и членови на советите кои ќе настапат на Локалните избори 2025, изјави генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски, пред седиштето на Државната изборна комисија.

– За кандидати за градоначалници ги избравме оние кои покажале добри резултати во изминатите четири години, но имаме и нови кандидати кои се профилирани ликови во средините од каде што доаѓаат. За листи за советници се избрани луѓе кои се предлог на месните и општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Можам да констатрам дека партијата е комплетно мобилизирана и дека ќе имаме голем успех на следните локални избори. Исто така, можам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ на следните локални избори ќе има плус советници и плус градоначалници во споредба со 2021 година, изјави Сајкоски, придружуван од членовите на Извршниот комитет – Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска-Кочоска и Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Скопје.

Сајкоски истакна дека анализите и информациите од теренот покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ очекува „огромна победа на локалните избори“.

– Граѓаните знаат, го ценат квалитетот на понудените кандидати, но и она што е сработено во изминатиот период од страна на кандидатите за градоначалници, како и она што ВМРО-ДПМНЕ го ветува и вообичаено го реализира. Работата и трудот секако ќе бидат наградени на следните локални избори, додаде генералниот секретар.

Според роковникот на ДИК, денеска до полноќ истекува рокот за поднесување на кандидатури за градоначалници и листи за членови на советите во 80 општини и Градот Скопје преку овластени предлагачи во просториите на општинските изборни комисии (ОИК) и Изборната комисија на Град Скопје (ИКГС).