Во целост ја поддржуваме истрајноста на СОНК и во целост ја разбираме секоја одлука која тие ќе донесат, а е во насока на унапредување на статусот на образовниот кадар. ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува легитимните барања на наставниците и просветниот кадар, ова денеска преку прес-конференција го истакна Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.

-Власта залудно ги користи механизмите на уцени и притисоци, штрајкот на СОНК беше најавуван два месеци пред да се случи. Владата доколку вистински сакаше да најде решение за барањата на просветниот кадар тоа можеше да го направи уште пред почетокот на штрајкот. Така немаше да има прекин во образовниот процес и немаше да биде на штета на децата. Доколку владата навистина сакаше образованието да биде организиран и постојан процес на унапредување, немаше да го претвори во ресор на експерименти. Машинеријата на СДСМ и ДУИ ги активираше сите можни ресурси во обид да го прекинат штрајкот. Изјавите на поединци од Владата се во спротивност со законите во Македонија. Имено, Владата треба да биде свесна дека штрајкот е уставно право на работниците. Министерот Шаќири и Владата во овој момент продолжуваат да бидат најголемиот прекршувач на правата на работниците и наместо да упатуваат закани кон наставниот кадар, треба да упатат решение и да ги поддржат нивните барања. Во овој случај, не станува збор за барање за зголемување на правата, туку правата на наставниците се тотално прекршени, вели Митева.

Таа додава дека конечно, наставниот кадар праќа силна порака дека и тие се најзначајниот чинител во општеството.

-Наставниците се истрајни и обидите на Владата за кршење на штрајкот не успеваат. И доколку се сериозни во изјавите дека наставата е приоритет како што тврдат тогаш итно треба да ги прифатат барањата на наставниците. Состојбата е итна и неодложна, наместо притисоци и закани, покачете ги платите на наставниците и ставете крај на прекинот на наставата, вели Митева.