СДСМ е во паника и се поочигледниот пораз сака да го минимизира со поткуп и насилство, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во сооштение до јавноста од опозициската партија се истакнува дека параполициски структури како таа во Прилеп, се формирани и во Битола, Охрид, Кочани, а поткуп во првиот круг е вршен и во Крива Паланка, каде неформално главен на групата е Љупчо Николовски.
Првиот доказ е разговор на активист на СДСМ Новица Груевски со веќе избраниот градоначалникот на Крива Паланка од СДСМ Сашко Митовски.
Сашко – Нафаќат се пак за 200 евра.
Новица – Тие се од збор ако кажат ДА така ќе биде.
Сашко – Да! Сабајле се договараме.
Новица – З…. ѕверче си.
Сашко – Знаеш дека нема да оставам на случајност ништо.
Новица – Знам и ради тебе веруем дека ќе ги добиеме у Паланка!
Власта ја злоупотребува и Единицата за специјални задачи, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Задачата и обуката на овие лица се да се справуваат со урбан тероризам и да се справуваат со екстремни групи. Прашањето е што тие би барале низ градовите во Македонија, каква е нивната улога во Охрид, во Битола и во Кочани?
Групи на доверливи лица за врвот на власта од Единицата за интервенции се пратени од пред 2 дена во цивилна облека и необележани возила на МВР, по една група во Кочани и во Охрид, додека две групи се во Битола, со задача да помогнат на партиските параполициски структури во теророт и поткупот врз населението. Состојбата во Битола е иста како во Прилеп, каде преку вибер групи се давани насоки за следење, малтретирање и шиканирање на неистомисленици, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во Битола главен на овие групации е Васко Ковачевски, а извршители се тројца началници на СВР Битола, Славко Ј. Николче Ѓ. Вангел Б. Додека дел од групата се и Горанче М. Ирена М. и уште десетина други полицајци.
ВМРО-ДПМНЕ за овие активности ќе ги извести меѓународните претставници, но и ќе поднесе соодветни пријави.