ВМРО-ДПМНЕ и овој викенд продолжи со акцијата за теренски посети на населени места и средби со граѓани, во која 19 тимови ги слушаат проблемите со кои се соочуваат и сугестиите за нивно решавање.
Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев беше во посета и оствари средба со жителите на населените места Ѓавото, Стојаково, Селемли, Миравци, Пирава при што беше констатирано дека огромно е незадоволството од актуелната Влада предводена од Димитар Ковачевски и неговите министри.
„Големо е незадоволството затоа што народот се иселува и си заминува. Големо е незадоволството од корупцијата, по што Македонија бесрамно се краде. Во оваа влада главниот збор го нема СДСМ, туку ДУИ. СДСМ дојде до тоа дереџе, да бидат измеќари и слуги на желбите и програмата на ДУИ. Македонија гледа до која мерка е дојден Ковачевски каде што бара дозвола од ДУИ дали да поднесе оставка, а ДУИ му вели нема да поднесеш оставка, ќе седиш, ќе ни служиш уште година дена. Македонија ќе се пљачка, Македонија ќе се уништува, а тие да бидат во нивните министерски фотељи“, рече меѓу другото Ѓорчев.
Пратеникот во македонското Собрание, Бране Петрушевски со неговиот тим разговараше со многу граѓани од населените места Бељановце и Добрашане кои што им укажаа на сериозни инфраструктурни, бирократски, економски проблеми кои ги тиштат во нивното секојдневно живеење.
„Овој народ плаќа даноци, овој народ плаќа акцизи и надоместоци за да се полни буџетот на Република Македонија, кој што го пљачкаат ДУИ и СДСМ. Но македонскиот народ ширум државата ќе ги казнат на следните избори, токму ДУИ, Груби, Ахмети, СДСМ и Ковечевски и ќе ги испратат на срамното буниште во историјата“, истакна Петрушевски.
Ели Панова, пратеничка во македонскиот Парламент заедно со нејзиниот тим беше во струмички населени места Муртино, Добрејци и Просениково каде разговараа со жителите што секојдневно ги тиштат.
„Тие знаат дека виновниците за нивните проблеми се ДУИ и СДСМ. За жал, во моментов, Република Македонија ја води премиер кој што никогаш не излегол на избори, кој што се плаши да излезе на дебата и на кој што му ја искинале и оставката која што ја дал. Виновници за целата оваа ситуација во која што се наоѓа Република Македонија, постојат и за да ги надминеме мораме да се сплотиме и да кажеме дека е доста со распродавање на државата, доста е со трошење на милиони на проекти кои што никој од овие граѓани нема да ги осети“, рече Панова.
Потпретседателката Гордана Димитриеска Кочоска со нејзиниот тим беше во посета и оствари средба со жителите на населените места Милетино, Челопек, Седларце и Брвеница каде се осврна на економијата која е најважна за граѓаните и потенцираше дека полош животен стандард Македонија немала никогаш до сега.
Ќе тргнам од економијата затоа што сметам дека е најбитна, на крајот од денот секој од нас се бори за плата и да може да има подобар живот. Математиките и статистиките покажуваат дека полош животен стандард не сме имале никогаш, дури и периодот на транзицијата. Зошто? Затоа што денеска со две минимални плати не може да се помине месецот, инфлацијата е повеќе од 20%, кажа таа.
Драган Ковачки со неговиот тим беше во посета на населените места Чифлик, Умлена и Робово во Општина Пехчево, каде што истакна дека власта наоѓа 20 милиони евра за изградба на 1 километар на коридорот 8, а нема 620 илјади евра за инфраструктурно поврзување на три населени места и дека Али Ахмети, Артан Груби и Димитар Ковачевски се најголемите кочничари на патот на Македонија кон Европската Унија.
Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник при теренската посета од на населените места Радишани и Бутел истакна дека доаѓа денот кога ќе се стави крај на политиките на СДС и ДУИ.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски посочи дека Македонија ќе добие историски највисока цена за изградба на автопати, каде што еден километар автопат ќе чини околу 25 милиони евра.
Генералниот секретар, Ѓорѓија Сајкоски од населените места во Маврово и Ростуше рече дека со проектот за коридорот 8, владата не ја поврзува општина Кичево, туку дека истиот ќе завршува само до Зајас, со што остануваат уште 16 километри до Кичево кои нема да бидат опфатени во автопатското решение Гостивар – Букојчани.
Претседателот на Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов од кавадаречко истакна дека дури 61% од младите сметаат дека државата не инвестира за подобрување на финансиската состојба на оние млади кои живеат во сиромаштија, затоа тие се иселуваат и заминуваат од државата.
Миле Лефков, член на ИК и пратеник во собранието при посета на населеното место Блатец, потенцираше дека се појасно е дека истокот во државата се повеќе се празни, а сетоа тоа е поради власта од СДСМ и ДУИ која се грижи само за богатење на функционерите.
Пратеникот Никола Мицевски при средбите со жителите на населените места Шашарвалија, Селце, Чардаклија и Караорман потенцираше дека се поголем е бројот на разочарани граѓани од страна на власта и дека власта сака да донесе закони со европско знаменце за да наполнат се повеќе од своите џебови.