Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, тврди дека има правна основа во собранискиот Деловник неговата коалиција да формира повеќе пратенички групи. Тој се повика на членот 33 од Деловникот, според кој, најмалку 5 пратеници може да формираат пратеничка група.
– Значи, има правна основа за формирање повеќе пратенички групи. Но ние по празниците ќе го преиспитаме севкупното однесување на претседателот на Собранието Талат Џафери, посебно кон опозицијата, вклучително со опцијата за поднесување интерпелација против него, рече Мицевски.
Претходно, Џафери тврдеше дека нема основа ниту политичка клима за ВМРО-ДПМНЕ да се подели во повеќе пратенички групи.
Во однос на блокадите на парламентот, Мицевски рече дека се одблокираа и законите што се однесуваат на пензионирањето со 64 години, а дека партиите треба да разговараат и за деблокада на законот за Клинички центар.
Тој посочи дека така остануваат блокирани само уште неколку закони за кои ВМРО-ДПМНЕ има сериозни забелешки. На прашање дали ВМРО-ДПМНЕ ќе биде присутна во собраниската сала на 5 мај кога се планира да се гласаат сите преостанати закони за кои е завршена расправата, Мицевски рече дека тој уште во септември кажал дека ќе дејствуваат институционално, ама дека обврска на, како што рече, тенкото мнозинство е да обезбеди кворум за одлучување.