Во месец април Македонија бележи двоцифрена инфлација, што покажува дека стандардот на граѓаните е во стрмоглав пад. Државниот завод за статистика објави податоци дека индексот на трошоците на животот во април 2022 година, во однос на април 2021 година, бележи зголемување од 10.5%, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 11.1%. Патем инфлацијата во Македонија во споредба со просечната инфлација во Европа е далеку поголема, велат во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова е резултат на неспособноста и неодговорноста на власта на СДСМ. Секој месец инфлацијата расте и расте се повеќе, што покажува дека мерките на власта не дале никакви резултати, туку напротив состојбите во економијата се влошуваат од ден во ден. Над 35% од граѓаните живеат во ризик од сиромаштија, 7000 компании ставија клуч на врата, 2021-ва година ја завршивме со најмал раст на БДП во споредба со земјите од регионот, долгот незапирливо расте, веќе е над 7 милијарди евра, а се најавува уште едно рекордно задолжување од 900 милиони евра со што ќе дојде до 65% од БДП. Ова се само дел од поразителните економски параметри, што се резултат на катастрофалните економски политики и мерки на владата на СДСМ и ДУИ.
Затоа велиме дека најдобро за економијата во Македонија е промена на оваа криминална, неспособна и неодговорна власт. Ковачевски покажа дека има голем мерак на фотелјата и не го интересираат граѓаните. Ако сака нека ја земе фотелјата дома, само нека ја спаси државата од својата неспособност, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.