Бројот на потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ од двајца ќе се зголеми на четворица, изјави лидерот на партијата Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ.

Мицкоски кажа дека ќе се прошири и составот на Извршниот комитет.

-Ние сме сега во фаза на внатрешно реорганизирање на партијата. В понеделник имаме Централен комитет (ЦК), ќе излезам пред членовите на ЦК со новиот состав на Извршниот комитет. Ќе има проширување, ќе има и нови луѓе. Ќе бидат некаде околу 28-29 луѓе. Ќе има проширување и во делот на потпретседателите, од двајца ќе бидат четворица. Така што, ценам дека ќе има еден навистина сериозен државнички капацитет кој ќе биде алтернатива заедно со тимот на стратешки соработници, рече Мицкоски.