Во вечерашната емисија „За или против“ на Алфа ТВ гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков кој што во однос на законот за амнестија истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира законот за амнестија со 5.000 амандмани, бидејќи законот е резултат на коалициони пазарења а не на реалните потреби на граѓаните.

„Серијата на штетни закони кои што пристигаат во Собрание, најверојатно коалиционите неприлики кои што им се случуваат во влада за жал завршуваат во собрание со непринципиелни закони, видовме како кривичниот закон беше најавен и пристигнат со европско знаменце, видовме како се подготвува уште еден закон за амнестија кој што повторно не знаеме зошто е, не е објаснето доволно, пристигнува во собрание по скратената постапка. Скратената постапка значи дека ќе се прескокне оној дел каде што имаме општа и теоретска расправа, која е потребата на законот, и директно ќе се оди на амандманска. Видовме како премиерот самиот најавува амандмани со кои што тој ќе интервенира, притоа бришејќи ја би рекол онаа поделба на власта помеѓу извршна и законодавна и затоа најавивме дека ние ќе направивме се за да го блокираме овој штетен закон, за таа цел ќе бидат изработени амандмани, со што ќе се обидеме да го блокираме ова законско решение кое што стигна по скратена постапка, ќе видиме што ќе се случува“, нагласи Лефков.

Лефков истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира законот за амнестија со пет илјади амандмани.

„Од прилика се подготвува бројка на едно 5 000 амандмани, а тоа кога ќе биде закажана седницата знаете зависи од султанот на собранието од Талат Џафери, се уште не е најавено и покрај тоа што е пристигнато на мејловите како материјал немаме друго известување за тоа кога ќе биде ставено на седница“, истакна Лефков.

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Лефков додаде и дека закони кои што не се резултат на реалните потреби на граѓаните, и закони кои што не се објаснети туку се резултат на коалициони пазарења и треба да бидат блокирани.

„Закони кои што не се резултат на реални потреби на граѓаните, закони кои што не се објаснети, закони кои што не се донесуваат во корист практично на никого, туку се резултат на коалициони пазарења и треба да бидат блокирани“, нагласи Лефков.

Лефков посочи и дека не може со еден закон за амнестија да се компензира нефункционалност на цели институции, мислејќи на судството, обвинителството, законот за пробација и на тој начин власта да се обидува да го компензира хаосот кој го прави со државата.