СДСМ и ДУИ секој ден покажуваат дека не го почитуваат Собранието, а деспотот од Форино, Талат Џафери оди и чекор понатака, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ, со остра реакција за снимката на која претседателот на Собранието Талат Џафери пцуе и навредува вработени.
Јавноста беше сведок на примитивизмот на Џафери, на неговиот однос, навредите и пцовките кон вработените. Во која друга земја функционерите од власта им ги пцујат мајките на вработените во администрацијата? Во ниедна. Само кај нас тоа го прави власта на СДСМ и ДУИ. И наместо за таквото свое безобразие да поднесе оставка тој уште и ги обвинува тие кои ги навредувал дека не ги исклучиле микрофоните и заради тоа граѓаните ги слушнаа неговите пцовки, вулгарности и неговиот однос кон вработените во законодавниот дом. Тоа е недостојно, се наведува во партиското соопштение.
Ковачевски, пак, додаваат од партијата, уште повеќе ја навредува интелигенцијата на граѓаните, па се прави недоветен и изјавува дека не знае кон кого се обраќал!
Како божем да има разлика дали Џафери пцуе пратеник, снимател, собраниски административец или било кој друг чиновник. Ваквите навреди доаѓаат од Џафери и во никој случај не може да се оправдаат, без разлика кон кого се упатени. Џафери треба да си поднесе оставка, а ако имаше грам доблест таа оставка требаше да му ја побара и претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски. Ковачевски пропушти можност. Тој застана во одбрана и оправдување на вулгарноста и примитивизмот и затоа срамот сега е и негов срам, посочуваат од партијата.