Вчера беше објавена годишна стапка на инфлација за септември од 6,6%, што во споредба со врвот од 19,8% лани, изгледа на намалување. Ова смирување е очекувано, а не дека власта е добар прогнозер, зошто истото се пресметува на веќе драконски пораснати цени од лани! Или со други зборови, споредбената основа од лани е висока и затоа има пониска годишна стапка на инфлација. И ова е статистика, но што е суштината? Цените пак си растат, а фалбите на власта за нивен успех не држат вода, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Лани кога растеше инфлацијата и достигна историски врв, според власта беше увезена. Увезените цени на храната, нафтата и електричната енергија беа причината. Тогаш не беа значаен фактор мерките т.е. не-мерките на Владата и домашните фактори. Тогаш не беа виновни закаснетите реакции на власта да интервенира со стоковите резерви, со повисоко домашно производство на електрична енергија, со континуирани даночни олеснувања за храната, со пониски акцизи и навремена помош на фирмите, а од друга страна да скрати на својот луксуз и коруптивност во трошење на буџетските пари. Тогаш не беше виновна конфузијата што ја создаде власта со мерките, кои беа задоцнети и непостојани. Целата нестабилност во однесувањето на Влада се преслика на пазарот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Е сега кога паѓа инфлацијата не е заради увезените фактори, односно заради падот на цените на храната на светските берзи кој патем трае повеќе од една година ама не и кај нас, потоа зарaди пониската цена на нафтата од лани и на цената на електричната енергија која ја увезуваме од лани. Е сега за намалувањето биле фактор мерките на Владата што е гол популизам. Но, никој од власта не споменува дека инфлацијата со исклучени цени на храна, течни горива и енергија (т.е волатилните цени) или базичната инфлација е сѐ уште висока! Базичната инфлација го отсликува долгорочниот тренд на инфлацијата и е слика за инфлациските очекувања, кои уште не се смирени. А како да бидат? Кога стапката на ДДВ од 5% на 10% ја дигна Владата за 1.600 прехранбени производи! Кога гарантираните цени ќе важат два месеца, а потоа не се знае. И од каде анкета дека луѓето ги благословуваат од власта со мерките за намалување на инфлацијата?! Колку и да се трудат да креираат лажна перцепција вистината е следна. Од јануари 2021 година до септември 2023 година храната и пијалоците се поскапени за 45%, трошоците за домување се повисоки за 27%, транспортот за 35%, колку и услугите во рестораните, а платите и пензиите не се зголемија со истото темпо. Затоа, луѓето не чувствуваат ништо од намалувањето на инфлацијата. Луѓето се трудат да преживеат на оваа скапотија. Власта на СДС ДУИ да не биде лажно надувани, туку реална“ – се наведува во партиското соопштение.