На Конвенција која ќе се одржи на 2 март идната година во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ ќе избира кандидат за претседател на Македонија.
Ова денеска го соопшти потпретседателот на партијата, Александар Николоски кој даде изјава по однос на одлуките донесени на седницата на Извршниот комитет.
-Отпочнаа и подготовките за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија, истакна Николоски.
На седницата на ИК донесена е одлука за формирање на Републички изборен штаб кој ќе го предводи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а негов заменик ќе биде генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски.
-И за избор за претседател и на парламентарните избори очекуваме историски голема победа по која што ќе се случат промените во Македонија и ќе се стави крај на оваа корупција, како и тонење на економијата., нагласи Николоски.
На лидерската средба во Собранието беше договено првиот круг на претседателските избори да се одржи на 24 април, а вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори да бидат на 8 мај. Според пропишаните рокови изборите би се распишале најдоцна на 28 февруари, а техничката Влада би требало да се формира до 28 јануари.
Имајќи предвид дека вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори би се случиле на 8 мај, согласно уставните и законските рокови, инаугурацијата на Претседателот на државата може да се одржи на 12 мај, а конститутивната седница на Собранието 20 дена подоцна односно до 28 мај. Новата влада би требало да биде избрана до крајот на јуни 2024 година.