Николоски смета дека има доволен рок да се набават машините од страна на Државната изборна комисија.

– За нас почитувањето на законот, нема алтернатива. Во законот јасно пишува дека начинот на евидентирање на граѓаните на следните избори ќе е со отисок со прст. Долго време се боревме за тоа барање и успеавме да го добиеме. Тоа барање гарантира фер и демократски избори и од тоа отстапување нема. Има доволен рок да се набават овие машини. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е ист, локални избори и евентуални парламентарни со отисок од прст, рече Николоски.

Локалните избори најверојатно би се одржале на 24 или 31 октомври, откако ќе заврши пописот на населението кој треба да започне 5 до 30 септември. Договорот за употреба на „фингер-принтер“ на локалните избори претходно беше постигнат на ниво на работни групи на пратеничките групи. Ова беше потврдено и на лидерската средба меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски.