Нервозата кај демаскираниот Талат Џафери расте, со затворањето на пратениците стори кривично дело за кое се лежи затвор, велат денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнуваат дека вчера Џафери противправно ја лишил целата пратеничка група од слобода и го спречил нивното слободно движење.

-Џафери ги затвори вратите во Собранието и практично ги држеше пратениците како заложници. Тој со ова свое дејствие стори кривично дело од чл. 140 ст.3 и 4 од КЗ, од кои ст.3 гласи дека и обидот се казнува. Додека ст.4 вели дека ако противправното лишување од слобода го стори службено лице со злоупотреба на службената положба или овластување, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години. Ова е трета тешка злоупотреба на позицијата на Талат Џафери. Дали Ковачевски и ова ќе го изрелативизира, па ќе слушаме изговори од типот – „вратите сами се заклучија“. Останувањето на Ковачевски на власт по секоја цена како што тоа го прави сега со неприфаќање на предвремени парламентарни избори, ќе им дава право на Талат Џафери и на ДУИ уште повеќе да ги кршат законите и да не одговараат, зошто само од нивната добра волја опстојува владата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ковачевски е марионета во рацете на Талат Џафери. Избори мора да има час поскоро. За срамот никогаш да не се повтори.

Инаку пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков вчера објави видео на социјалните мрежи на кое јасно се гледа состојбата со собраниската сала и реакциите на пратениците.