ВМРО-ДПМНЕ, ОК Прилеп на полицијата ѝ го честитаа 7 мај-Денот на македонската полиција, но велат дека граѓаните ја имаат изгубено довербата во полицијата поради нестручни кадри кои се поставени на раководни позиции во ОВР Прилеп. Тие обвинуваат за лоша безбедносна состојба во градот поради непрофесионалност и неспособност за менаџирање со полицискиот кадар, пренесе Макфакс.
-Последните 6 години откако СДСМ ја предводи централната власт, а на чело на МВР е Оливер Спасоски, единствен критериум за вработување на нов полициски кадар е членската книшка на СДСМ?! Најдобар доказ за тоа е последниот бран нови вработувања во ОВР Прилеп и новите лица кои потпишаа договори за отпочнување со обука како кандидати за полициски службеници. Командирот нека излезе во јавност да одговори дали можеби лице од неговото семејство се има најдено на овој список за нови вработувања?, велат од ВМРО-ДПМНЕ, ОК Прилеп.
Тие додаваат дека прилепчани се сведоци на секојдневната нелегална сеча и транспорт на дрва која се случува благодарение на неажурноста на полицијата, вклучително и огромниот број случаи на запалени автомобили на пратеници, директори на јавни претпријатија и други видно истакнати прилепчани, кои до ден денешен се нерасчистени.
– Неколку месечната „опсада“ на нашиот град од страна на раководни кадри од Скопје, најдобро сведочи за хаосот во Прилеп. Прашуваме дали е покрената дисциплинска постапка од внатрешна контрола против командирот на ПС Прилеп за несовесно работење во службата? Дали ваква постапка, дали лошата статистика за работата на полицијата, или пак приватните бизниси, се причина командирот да не се појавува на седниците на совет на Општина Прилеп? И наместо со професионално работење, високи полициски службеници во време на СДСМ купуваат ексклузивни имоти, поседуваат ресторани и бркаат некакви приватни бизниси, а сето тоа на штета на безбедноста на прилепчани, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие најавија дека „после проментата и преземањето на централната власт од страна на ВМРО-ДПМНЕ, ваквите кадри ќе бидат заменети со професионалци кои со своето знаење, мотивираност и стручност ќе го вратат сјајот на ОВР Прилеп“.