ВМРО-ДПМНЕ тврди дека економијата напредува, буџетот има историски приходи, инфраструктурата се гради со невидено темпо во цела Македонија

По слободниот пад на економијата, кој, според ВМРО-ДПМНЕ, го остави СДС за седум години, економијата напредува, а буџетот расте. Според партијата, за само една година власт, реализирани се резултати што СДС не можеше да ги постигне за цел мандат.

Потврда за тоа, велат од ВМРО-ДПМНЕ, се историски највисоките буџетски приходи за месец јуни. Приходите од даноци и придонеси бележат пораст од 7,4 проценти. Истовремено, приходите од увозни давачки се зголемени за 19,2 проценти.

Овие средства се пренасочуваат во капитални инвестиции и проекти, со цел подобрување на инфраструктурата и животниот стандард на граѓаните.

Според ВМРО-ДПМНЕ, економијата напредува и тоа е мерливо преку официјалните податоци и финансиски индикатори.

На терен, механизација и работници се ангажирани на капитални проекти – коридорот 8 и 10Д, како и бројни други патишта низ државата.

Партијата посочува дека Македонија никогаш не се градела како денес – активни се над 1.200 градилишта, каде се работи на училишта, градинки, болници, патишта, водоводи и канализации.

Во изминатиот период, пуштен е во употреба експресниот пат Градско – Фариш, долг 25 километри, кој го намалува времето на патување кон Прилеп и Битола.

Завршен и пуштен е и експресниот пат Страцин – Крива Паланка, долг 15,5 километри. Делницата Пресека – Песочани, како прв сегмент од автопатот Кичево – Охрид, веќе е во функција.

Инвестиција од пет милиони евра беше насочена кон реконструкција на патот Понов мост – Богданци, долг 4,8 километри. Реконструиран е и патот Охрид – Св. Наум, во должина од 24 километри, вреден 11,7 милиони евра.

Во железничката инфраструктура, пуштена е во употреба делницата Куманово – Бељаковце.

ВМРО-ДПМНЕ порача: економијата напредува, државата се гради и развива, а буџетот продолжува да расте.