Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе барање за интерпелација на претседателката на Комисијата за избори и именувања, Марија Георгиевска од СДСМ. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски изјави дека барањето се поднесува поради тоа што таа „неделовнички и неуставно на се уште не завршена точка на дневен ред и незавршена комисија“, поднела парцијален извештај до претседателот на Собранието, Талат Џафери за избор на уставните судии.
– Тие уставни судии што им одговараат, ги поднесуваат на гласање без да биде воопшто завршен процесот на дискусија на самата седница каде што именуваната Марија Георгиевска не ја закажуваше цели десет месеци до пред некое време. Тоа е спротивно на членот 128 од Деловникот, каде што е точно наведено дека работното тело заседава и откако ќе заврши седницата подготвува извештај и записник за тоа што се одлучило на самото работно тело, а оваа седница на Комисијата за избори и именувања не е завршена, рече Милошоски.
Вториот прекршок, според него, е на членот 129 од Деловникот, каде што пишува дека известител во однос на кои било седници од работните тела најчесто е претседателот на тоа работно тело пред пленумот.
– Ние видовме вчера дека претседателката на Комисијата за избори и именувања Марија Георгиевска немаше дури ни храброст да се јави пред Собранието, пред пратениците да објасни зошто поднела парцијален извештај, зошто ја прекинува Комисијата и пишува извештај без да биде истата завршена и барем да беше присутна и да земе збор и да каже зошто смета дека овие селективно одбрани кандидати за уставни судии заслужуваат да бидат членови на Уставниот суд, рече пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ.
Опозициските пратеници сметаат дека со самото вакво однесување на владејачкото мнозинство во Собранието, дополнително се девалвира не само Уставниот суд како институција, туку и Собранието, а најмногу довербата на граѓаните во правосудството.
– Очекуваме оваа интерпелација да биде во најкус можен рок ставена на пленарна седница и се надеваме дека пратениците кои што веруваат не само во политиката како професија, туку и во Деловникот како демократска процедура, ќе ја поддржат оваа интерпелација и ќе може на чело на Комисијата за избори и именувања да дојде пратеник кој ќе го почитува Деловникот, кој што е начин на демократска работа во Собранието, рече Милошоски.