ВМРО-ДПМНЕ повторно обвинува дека Власта свесно го ризикува здравјето на граѓаните со тоа што организираат попис среде пандемија. Како што велат преку партиско соопштение, одржувањето на пописот во април ќе значи нови илјадници смртни случаи.
– СДСМ го жртвува здравјето на народот. Попис во април ќе значи нови над 2.000 смртни случаи. Заев не успеа да набави вакцини, не се имунизирани ни лекарите во целост, а не пак попишувачите. Попис без завршена имунизација е кобен за граѓаните. Во пописот ќе учествуваат 5.500 попишувачи, ако ги следиме статистиките, еден заболен пред да биде откриен го пренесува вирусот на нови 9 лица, доаѓаме до бројка од 49.500 лица на кои ќе биде пренесен вирусот. И во Македонија смртноста е меѓу највисоките или е 4,9 проценти, што значи дека попис во април ќе значи 2.400 мртви од КОВИД-19 и ќе значи колапс на здравствениот систем затоа што педесттина илјади луѓе ќе заболат. Наспроти хаосот кон кој ја носи СДСМ државата, ВМРО-ДПМНЕ предлага попис на есен, кога би се спровела имунизација и ќе се заштитат животите на луѓето. Попис по секоја цена е смрт за народот, се наведува во соопштението на опозицијата.