Пописот е нецелосен и со многу неправилности. Овој попис кој го спроведоа СДСМ и ДУИ не ја покажува реална слика за популацијата во државата, се вели во партиското соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Некомплетноста на пописот се покажа во повеќе наврати. 132 илјади Македонци се непопишани, а тоа 7.2% од целосното резидентно население. Државниот завод за статистика ги поседува сите податоци за овие граѓани, но не ги вклучил во дел од резултатите на оваа операција. ДЗС направи целосен хаос во графата за религиска припадност, со нераспознавањето на христијани и православни. Неправилностите на овој попис излегоа на виделина само еден ден од соопштувањето на официјалните резултати. Директниот упад од ДЗС во промената на бројот и процентите во религиската определба во графата атеисти е уште еден од показателите за некомплетноста на резултатите на оваа операција. За овој упад во официјалните резултати од ДЗС веќе неколку дена нема одговор, а со тоа се зголемуваат сомнежите во бројките на пописот. Со овој попис стана јасно дека и Македонците и Албанците, но и Турците, Србите, Власите, Ромите и останатите заради лошите политики на власта на СДСМ и ДУИ се иселуваат од државата. Над 10 проценти од резидентното население изминативе години е иселено од Македонија. На државата не и треба попис за задоволување на коалицијата СДСМ и ДУИ, на Македонија и треба попис спроведен според сите европски стандарди, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ со преземањето на власта ќе спроведе електронски попис со кои ќе се добијат целосни и релевантни бројки и проценти за резидентното население во Македонија, додаваат од таму.