Професионализацијата на институциите и реформите во јавниот сектор, според ВМРО-ДПМНЕ, предизвикуваат незадоволство кај СДС, која, како што велат, е навикната на партиско поставување кадри.

„СДС изгледа не може да се помири со тоа што почнаа да се средуваат институционалните рушевини кои тие ги оставија по седумгодишното владеење“, истакнаа од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека СДС е навикната институциите да се полнат со партиски кадри избрани и предложени лично од нив.

„Сите се сеќаваме на нивниот партиски кадар, тогаш пратеник во македонското Собрание, кој на собир со граѓани, членската книшка на СДС ја изедначуваше со лична карта“, велат од партијата.

Тие потсетуваат и на практиката во општинските организации на СДС, каде граѓаните што аплицирале на конкурс за работа прво требало да се јават кај претседателот на општинската организација, наместо институционално да бидат разгледани.

„Тоа е начинот на функционирање на СДС, каде за обично работно место на граѓаните им бараат да извадат нивна членска книшка и прво да се јават во партија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата истакнува дека професионализацијата на институциите е значајна за ефикасен јавен сектор, каде при вработување ќе се вреднува знаењето, образованието и професионалноста на кадрите, што, според нив, предизвикува реакција кај СДС.