Во својата нова епизода на безидејност и површност, СДС излезе со соопштение во кое „македонскиот ветер“ го прогласи за национално богатство што Владата го злоупотребувала за „приватни интереси“, се вели во партиското соопштение на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Станува збор за инвестиција од половина милијарда евра во ветерен парк од приватна компанија, која ќе продава струја на светски енергетски гигант, проект што, според сите светски стандарди, претставува успех и позитивна вест за економијата.

Но, според СДС, проблемот е во тоа што ветерот „не останал македонски“. Не знаевме дека и ветерот има партиска припадност, па оттука ги прашуваме:

– Кој ветер е „сдсмовски“, а кој „вмровски“?

– Кој дуваше додека Заев ја продаваше Македонија, и кој беше одговорен за проветрувањето во кабинетот на Филипче додека се местеле тендери?

– Дали ветерот од Атина кој ги донесе бугарските барања за уставни измени е прифатлив за СДС?

Очигледно, не е само вселената неограничена, како што рекол Ајнштајн, туку и фантазијата на СДС кога се во опозиција. Наместо да се радуваат што странски инвеститор верува во Македонија и вложува огромен капитал, тие плачат поради ветер што не можат да го контролираат, ниту на терен, ниту во сопствените редови.

Граѓаните немаат време за вакви небулози. Тие сакаат поевтина струја, стабилен систем и нови инвестиции. А такви проекти Владата на ВМРО-ДПМНЕ секојдневно реализира. И ветерот е со нас, затоа што ние знаеме како да ја движиме Македонија напред.

СДС, партијата што го продаде името, националноста и јазикот, сега зборува за „македонски ветер“?!

Партијата што потпиша предавнички договор со Бугарија, обезличувајќи ја сопствената држава и сопствениот народ, сега одеднаш се загрижила за „националното богатство“ наречено ветер?

Партијата што ја потопи државата во корупција, поради која целиот свет денес нè нарекува „северномакедонци“, сега зборува за „македонски ветер“?!

Партијата што ги продаде граѓаните, откако претходно темелно ги ограби, денес, во очигледна состојба на политичка и ментална дезориентација, се дрзнува да држи лекции за користењето на ветерот. Ветер кој, за разлика од нив, барем носи енергија, инвестиции и напредок.

Очигледно, некој додека го пишувал ова соопштение се водел по платформата „ветерот дува, зошто да не и ние“, па откако се придружил на ветерот – го напишал најнепромисленото и најбесмислено соопштение досега.

Ова не е партија што се грижи за интересите на граѓаните. Ова е партија што нема компас, нема идеи, нема срам.