СДСМ и Венко Филипче имаат историски најниска доверба од граѓаните, посочи ВМРО-ДПМНЕ во соопштение.
„Лошиот пиар, небулозните и клеветнички соопштенија и прес-конференции, полни со навреди и со непристоен речник, ги донесоа СДСМ и Венко Филипче до рејтинг од 4,9% и 3,6%. Сепак, Филипче, не е загрижен за неговиот и за лошиот рејтинг на СДСМ, кој од анкета до анкета во континуитет се топи и што целосно потфрлија фалименто соопштенијата напишани од новиот партиски пиар шеф Зоран Башановиќ, затоа што целосно живее во свој паралелен универзум. Со месеци ги слушавме СДСМ и Филипче како, по којзнае кој пат, ги лажеа граѓаните како новите анкети ќе покажат дека поддршката на ВМРО-ДПМНЕ од граѓаните паѓа, додека, пак, кон СДСМ се зголемувала“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
И тоа со месеци го повторуваа на лажните прес-конференции и по јавните настапи, се додава во соопштението.
„Но, последното истражување на јавното мислење откри уште една лага на СДСМ, со што повеќе од јасно е дека на следните избори оваа партија на чело со Филипче ќе се соочи со многу полош резултат од оној од последните изборни циклуси. Тоа значи дека нема да биде изненадување за никој доколку СДСМ на следните избори освојат и помалку од 100.000 гласови. Тоа го покажуваат резултатите од последната анкета“, се вели во соопштението.
Тоа што е позагрижувачки, додава ВМРО-ДПМНЕ, е што на Бихаќка никако да им дојде памет дека треба да ги променат политиките и да ги променат новите пиар шефови Башановиќ и Шчекиќ, луѓе кои по насока на Зоран Заев се таму и го уништуваат СДСМ.
„А, тој што свесно го дозволува уништувањето на СДСМ е токму Венко Филипче, кој тоа го прави по насока и со целосна послушност кон Зоран Заев. Послушноста на Филипче кон Заев се гледа и по што негови луѓе се дел од таканаречените нови партиски структури, меѓу кои е и Стојан Коциров, кој до пред само некоја година како директор ја водеше фирмата блиска до семејството Заеви, поточно до Вице Заев, Сара Инженеринг ДОО Струмица“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Сè поизвесно е дека СДСМ ќе продолжи да тоне со ова раководство предводено од Венко Филипче, кое нема намера ниту да спроведе внатрепартиска кадровска реформа, ниту, пак, да се огради од Зоран Заев, потенцира ВМРО-ДПМНЕ.
„Партија со највисока доверба кај граѓаните од 24% и понатаму продолжува да е ВМРО-ДПМНЕ, што е резултат на досегашната работа, реализираните проекти и исполнетите ветувања. Граѓаните добро знаат да направат разлика и токму затоа, продолжуваме со исто темпо на работа, нови проекти и успешни мерки за сите граѓани“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
