Инспекторатите треба да постапуваат и по допрен глас и тоа го прават кога станува збор за обичен граѓанин, но не и кога тој што гради без дозвола се вика Петре Шилегов и е градоначалник на Скопје во заминување, се вели во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
„Општина Карпош на чело со Стефан Богоев и инспекторатите под него се соизвршители во криминалот на Шилегов. Институциите наместо да излезат на терен и да го срушат катот дивоградба на зградата на Шилегов тие се впуштија во негово прикривање и помагање.
Шилегов го има земјиштето под зградата на негово име неколку дена откако пукна аферата за дивоградбата, поголем доказ дека градел на диво нема.
Дивоградбата на Шилегов треба да се сруши, а институциите да утврдат како и од кои пари Шилегов градел, дали има фактури за платени услуги за градба и од каде се парите, дали тие пари се пријавени во анкетниот лист на Шилегов или станува збор за средства кои не ги пријавил?!
Шилегов не може да избега од одговори и одговорност“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.