ВМРО-ДПМНЕ со честитка по повод Денот на независноста
ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани им го честита 8-ми Септември – Денот на независноста на Република Македонија. Од партијата нагласуваат дека токму на овој ден пред 34 години, македонскиот народ ја донел клучната одлука – самостојно и слободно да ја гради својата иднина во независна и суверена држава. „Денес оддаваме почит на храброста, единството и визијата на сите кои го трасираа патот на слободата и самостојноста“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Празникот е и обврска за иднината“
Во честитката се наведува дека 8-ми Септември не е само потсетник на минатото, туку и силна обврска за иднината. Од партијата истакнуваат дека неопходно е да се гради стабилна економија, да се заштити националниот идентитет и да се обезбедат услови младите генерации да останат и да создаваат во својата татковина.
Единство како патоказ
„Со гордост денес го носиме македонското знаме и независноста ја градиме низ секојдневните успеси – повисоки плати, нови работни места, инвестиции и подобар стандард за граѓаните. Да ја чуваме Македонија во нашите срца и дела, затоа што таа е наш дом, наш идентитет и нашата вечна татковина. Нека ни е честит 8-ми Септември, Денот на независноста“, стои во пораката на ВМРО-ДПМНЕ.