Не е само да се преземаат чекори, туку треба да се преземе одговорност од страна на власта, за живиот песок во кој го втурнаа правосудниот систем, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека власта треба да преземе одговорност за целосната партизација која ја направиле во правосудниот систем.
„Кога ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека на чело на Судскиот совет се поставуваат личности активисти и функционери на СДС, власта игнорираше, затоа што можеби требаше тие да им ја спроведат агендата за партизација. Сега кога и нашите меѓународни партнери реагираат, власта се однесува како да е затечена. СДС и ДУИ се власт 6 години во Македонија, 6 години вршат целосна партизација во судството и обвинителството“ соопшти партијата.
Пример за партизација, како што велат, е и шефот на обвинителството за организиран криминал Ислам Абази, кој беше виден во друштво со целиот врв на ДУИ, а за кого реагираа и меѓународните фактори.
„Власта се однесува арогантно. Кога посочуваме на проблемите, тие одат со глава во ѕид, а сега кога заглавија во жив песок преземаат мерки. Изјавата на Лога е доказ дека правосудството е клинички мртво, и дека власта треба да ги слуша апелите на ВМРО-ДПМНЕ, кога е време, зошто состојбата во која е судството денес е целосно нивна вина“ порачаа од опозициската партија.