Излегувањето на медиуми и срамното констатирање дека домашните енергетски капацитети произведуваат повеќе од потребните количини на електрична енергија за Македонија е веќе смешно и трагикомично. Оправдувањето дека термоенергетските постројки (ТЕП) не работат затоа што цената на берза е поефтина од производствената паѓаат во вода, бидејќи сите веќе знаат дека овие постројки не смеат да имаат чести прекини во работењето. Честите испади и застои придонесуваат за предвремено амортизирање и скратување на животниот век на електромашинската опрема, а и секое стартување на еден термо блок кое чини над 100 илјади евра за ТЕЦ Осломеј, а над 200 илјади евра за РЕК Битола. Многу се чести непланските застои и во останатите капацитети, но посебна приказна е ТЕЦ Осломеј, каде како намерно да се уништува опремата. Проблемите во ТЕЦ Осломеј се слични со проблемите во РЕК Битола, но никој до сега нема констатирано што е причината за дефектите. Дали е тоа квалитетот на јагленот или квалитетот на мазутот? Никој не презема одговорност за склучените договори со фиктивни економски оператори кои нудат најниски цени за неквалитетни услуги, а потоа секојдневно се случуваат разни хаварии и застои во производството.
Јавна тајна е дека во ТЕЦ Осломеј нема ремонт на котловските цевки изминатите неколку години. Овој енергетски капацитет после хаварија го вклучуваат без да се изврши ладна проба на заварените цевки. Кај овој енергетски капацитет од 6 (шест) млинови најчесто во работа се 4 (четири), а тоа е минималниот потребен број за работа. Сите овие пропусти се евидентни и кога на ова ќе се додаде неквалитетен мазут и јаглен, тогаш и очекувано е дека турбината и генераторот не можат да постигнат снага поголема од 70 MW. Никој не води сметка за степенот на искористување на горивото и добиената снага на излез од генераторот.
Партиските нестручни кадри на СДС поставени на раководни позиции без идеја и стратегија не сносат никаква одговорност за нестручното и безидејно раководење на енергетските објекти, ниту пак некој го бара тоа од нив.
Дали ТЕЦ Осломеј ќе влезе на мрежа за два до три дена и ќе работи десет или петнаесет дена веќе не е важно, бидејќи ниту судската власт, ниту ЈО или антикорупциската комисија не реагираат соодветно, а нивното пасивно дејствување остава сомнеж дека сите институции се немоќни или заедно синхронизирани, а поради тоа нема кој да го заштити општествениот капитал на оваа држава. Исто така состојбата и во РЕК Битола е драматична и многу неизвесна. Се поставува прашањето дали овие два енергетски објекти намерно се уништуваат и дали набавката на електрична енергија е поисплатлива за една мала група од власта, кои очигледно и сигурно се издвојуваат како нова класа жители на оваа држава со псевдонимот „недопирливи”.
Медиумите блиски до власта секојдневно шират информации дека фотоволтаиците се иднината на енергетиката во оваа држава. За оваа Влада очигледно е дека базната енергија е заменета со вршна енергија и никој веќе како да не се грижи за енергетската стабилност на земјата. За жал оваа Влада нема долгорочна стратегија за изградба на енергетски капацитети кои ќе произведуваат базна енергија. Причина за ваквото уништување на енергетиката е изградбата на фотонапонски централи кои се привилегија на определена група луѓе блиски до власта, кои преку овие инвестиции сакаат да ги легализираат криминално стекнатите пари, кои беа наменети за ублажување на оваа енергетска и економска криза. Ефтини парцели дадени од државата кои се привилегија само за нив е лажната слика за енергетските успеси на Македонија и енергијата добиена од обновливи извори на енергија.
Поради погоре наведеното, ВМРО ДПМНЕ има морална обврска да алармира дека ако вака се продолжи да се третира опремата во термоцентралите, како и на ваков начин да се управува енергетиката, последиците од тоа ќе бидат уште поголеми хаварии и уништување на капацитетите за производство на базна енергија, а со тоа нарушување на стабилноста на електроенергетскиот систем на Македонија, а тоа ќе значи увоз на скапа балансна енергија, која за жал ќе ја плаќат граѓаните преку идни енормни поскапувања на цената на електричната енергија.