Имено, сакаме да ја информираме јавноста дека благодарение на заложбите и упорноста на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за „Обнова на Македонија”, денес владината коалиција и владејачкото мнозинство, по претходна иницијатива и барање на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, го повлекоа Предлог – законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, во јавноста попознат како Закон за марихуана.

Во моменти кога ситуацијата во Република Македонија е катастрофална во сите сфери од секојдневното живеење, власта предводена од Зоран Заев и СДСМ без ни малку срам, по којзнае кој пат се обиде да го протне Законот за марихуана во Собранието на Република Македонија, злоупотребувајќи го европското знаменце со цел одбегнување на дебата и аргументирана дискусија од страна на опозицијата.

Како одговорни и загрижени пратеници, за ова грубо кршење на процедурите, злоупотреба на европското знаменце и уривање на парламентарната демократија, брзо и навремено испративме допис и до делегацијата на Европската Унија и дипломатските претставништва во Република Македонија, нотирајќи ја намерата на власта на шверцерски и недемократски начин да си носи закони кои единствено се во интерес на бизнисите на врхушката на власт.

Имено, како резултат на нашата заложба и упорност, успеавме и не дозволивме овој Предлог на закон да помине на мала врата во Собранието на Република Македонија. Успеавме да докажеме дека на оваа власт најважни им се бизнис интересите и коалициските договори, а не интересите на граѓаните и решавање на нивните секојдневни проблеми кои се сурова реалност за огромен број на граѓани.

Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ

Центар за комуникации со јавноста на ВМРО-ДПМНЕ