Обвинувања за корупција и бизнис интереси
Според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, поврзаноста на Владата на СДС, предводена од Зоран Заев, со контроверзниот проруски бизнисмен Миодраг Давидовиќ – Дака е неспорна. Од партијата велат дека „секој изминат дел потврдува дека СДС и ДУИ како тогаш најдобри коалициски партнери, делувале заеднички за да му удоволат на Давидовиќ – Дака, кој на Заев, според објавените аудиоснимки, му дал 300 илјади денари и земјиште од 2.000 метри квадратни.“
ВМРО-ДПМНЕ потсетува на примерот од 2020 година:
„Заев и Ахмети сложно, само еден ден по изборот на новата владa, во Тетово донесе измени во ДУП со кои директно на прорускиот бизнисмен Дака му се овозможи бизнис од 200 милиони евра.“
Просторот на некогашниот ШИК Јелак
Јавноста добро го памети овој случај, но уште едно потсетување не е на одмет.
„Станува збор за просторот на некогашниот гигант ШИК Јелак, кој тогаш е откупен од страна на Миодраг Давидовиќ – Дака, преку фирмата ‘Јелак Градба’.“
ВМРО-ДПМНЕ додава дека „криминалната коалиција СДС-ДУИ, во 2020 година во Тетово донесе нов детален урбанистички план само еден ден по изборот на владата.“ Според планот, на просторот на некогашниот ШИК Јелак било предвидено да никне нова урбана џунгла со над 2.000 станбени единици, илјадници метри квадратни деловни простории и трговски центри, во вредност од 200 милиони евра.
ВМРО-ДПМНЕ и борбата против корупцијата
Од партијата истакнуваат дека „ако не беше ВМРО-ДПМНЕ да го открие и да алармира за овој предмет, на местото на некогашниот гигант во Тетово ќе никнеше планираната бетонска џунгла со над 2.000 станбени единици.“
Во заклучокот на соопштението се истакнува:
„Голема е разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС. ВМРО-ДПМНЕ се бори против криминалот и корупцијата, додека СДС се корупцијата и криминалот.“
