Лицемерието на Ковачевски кон граѓаните е класичен пример за целокупното негово владеење, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Донесе мерка која ни самите во владата не ја почитуваат, притоа претставувајќи се за спасител, во ситуација кога дозволи се да поскапе во Македонија. Ковачевски во Влада набавува леб поскап за 30 до 100% повеќе од цената која самиот ја пропишува, односно плаќа 41,4 денари за 450 грама за белиот леб, а за белиот леб со продолжен рок плаќа нешто под 80 ден“, се потенцира во соопштението од оваа партија.

ВМРО-ДПМНЕ, велат од таму, уште пред една година апелираше дека ќе дојде до оваа ситуација, но Ковачевски не сакаше да го заштити стандардот на граѓаните со соодветни мерки. Со нашите предложени мерки, како што појаснуваат, ќе ги наполнеше и зголемеше стоковите резерви, ќе им помогнеше на производителите и ќе спречеше ценовен шок за граѓаните.

„Наместо тоа, Ковачевски реши да ја поскапи струјата и дозволи цените вртоглаво да растат. Ковачевски ако се грижеше за граѓаните немаше да дозволи инфлација од 20% во Македонија, стандардот на граѓаните да падне, а во исто време се живо да поскапе. Затоа провидна е глумата и лицемерието на власта“, истакнуваат од партијата на Мицкоски.