Од вчера граѓаните се соочуваат со енормен ценовен шок. Владата не Ги Продолжи мерките и сега цените на основните производи на граѓаните се поскапи за најмалку 5%. Со нови цени е маслото кое достигна над 160 денари и лебот кој чини и по 40 денари, новата цена на брашното достигна 60 денари, шеќерот 60 денари, 10 јајца над 100 денари итн, велат во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

-Инфлацијата во месец мај и почетокот на јуни продолжува да го уништува стандардот на граѓаните. Сите основни трошоци за живот на граѓаните за кратко време двојно се поскапени. Во таква ситуација власта на СДСМ и ДУИ не ги продолжува мерките, туку во Собранието предлага формирање на втора компанија за игри на среќа.

Симболиката е дека оваа власт се коцка со животот на граѓаните.

Власта се правда и бара алиби во други, но вистината е дека во Македонија како во ниедна земја во регионот, се случува економска катастрофа. Имаме најнизок раст на БДП, имаме галопирачки раст на долгот, имаме една од највисоките стапки на инфлација, имаме половина милион жители кои живеат со 150 денари во денот и 35% од граѓаните во ризик од сиромаштија.

Ова е поразителната реалност која најкорумпираната и најнеспособната власт на СДСМ и ДУИ нема да ви ја кажат кога ќе се правдаат дека кризата е увезена. Изворот на кризата во Македонија е власта на СДСМ и ДУИ и затоа се потребни предвремени избори, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.