Неспособноста и некадарноста на власта носат пустош во земјоделството и сточарство. Како резултат на нивната несериозност, во Македонија се појави африканската чума и под ризик е ставена целата популација од 150.000 свињи во земјава, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Заради несериозниот пристап на министерот Љупчо Николовски и директорот на АХВ Николче Бабавоски, африканската свинска чума е регистрирана на огромна фарма во Таринци каде загрозени се 10.000 свињи кои се под закана да бидат уништени, а штетата е толку голема што може да изнесува над 2,5 милиони евра. Бидејќи власта немаше слух и не пристапи сериозно на овој проблем, не донесе навремени соодветни мерки или се носеа некакво провидни колку да се каже, Македонија може да остане без најбрзорастечката сточарска индустрија во ресорот земјоделие, свињарството. Цела гранка може да згасне поради нивната ароганција и неспособност, а со тоа македонските граѓани и сточарите без единствената свежа домашна суровина – свинското месо, се наведува во соопштението.

Од партијата велат дека доколку власта  навремено ги слушаше решенијата од ВМРО-ДПМНЕ и мерките кои ги предлагаа, ова можеше да се спречи.

-Но, нивната ароганција и немањето капацитет за работа не им дозволија да ги послушаат советите и сега го загрозија свињарството во земјава. Проблемот е пресериозен и потребна е итна реакција. Бидејќи фармерите се оставени од власта сами на себе, апелираме на подигање на биосигурносните мерки на највисоко можно ниво како единствен ефикасен начин на превенција од болеста. Воедно власта која уништува се што стигне треба да знае дека за брзо доаѓа време за одговорност за катастрофата која и ја носи на Македонија, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.