11 министерства кај ВМРО-ДПМНЕ?
Кружат неофицијалните информации дека ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ пред финален договор за составот на новата Влада. Познато кои ресори ќе припаднат кај партиите, но засега не се откриваат имињата на вицепремиерите, министрите и нивните заменици. Кадри на ВМРО-ДПМНЕ ќе застанат на чело на 11 министерства.
Спикерско место кај коалицијата Вреди?
На спикерското место во парламентот ќе седне еден од лидерите на коалицијата Вреди, засега имиња не се откриваат. Во изјава за МТВ, лидерот на движењето Беса, Касами вели дека останува на градоначалничката функција. Вреди во новата влада добива двајца вицепремиери, министер за животна средина, здравство, социјална политика, демографија и млади, економија и труд и секторот евроинтеграции. Касами очекува до крајот на неделава и официјално да биде постигнат договор за новиот владин состав.
Правда и администрација кај ЗНАМ?
Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски во новата Влада ќе има двајца министри, за правда и новото Министерство за администрација. Се очекува деновиве да финишираат разговорите и во јавноста да бидат лиферувани официјални информации за поделбата на владиниот колач меѓу коалициските партнери, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Принципи за соработка
На средбата што ја најави ВМРО-ДПМНЕ, партиите ги договорија општите принципи за соработка за идната влада. Овие принципи се фокусираат на три основни начела: унапредување на европската интеграција, поттикнување на забрзан економски развој и интензивирање на напорите за борба против криминалот и корупцијата и истовремено почитување на владеењето на правото.