ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагира на одлуката на Врховниот суд да ја укине пресудата за несреќата кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица, посочувајќи дека за трагедијата сè уште нема одговорност.

„16 лица загинаа, а нема одговорни. Исто како што во правосудниот систем нема одговорност и за запалената модуларна болница на Венко Филипче, каде живи гореа луѓе. Во која друга држава и при кое друго судство може да загинат над 30 луѓе, а да нема виновни?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата во реакцијата го посочуваат и случајот со Стевчо Јакимовски, кој, како што наведуваат, беше правосилно осуден за криминал, а сега е пуштен на слобода.

„Ова е сè што треба да знаете за судството водено од ДУИ и СДС, со 2 отсто доверба“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата го критикуваат и Врховниот суд и неговиот претседател Африм Фидани, оценувајќи дека со одлуката се нанесува срам на правдата во Македонија.

„Сега е јасно дека инсталациите на СДС и ДУИ во правосудниот систем сè уште се активни. Затоа талогот останува најдолу“, се вели во реакцијата.