Злоупотребите на средства стануваат јасни – европските фондови на Еразмус+ завршувале кај лица блиски до СДС за сомнителни проекти
ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека во време на владеењето на СДС се случиле сериозни злоупотреби на средства – европските пари од Агенцијата Еразмус+ биле пренасочувани кај лица блиски до партијата, за сомнителни проекти без врска со образованието и едукацијата на младите.
„Изминатиот период излезе на површина како во време на Зоран Заев и Лидија Димова, европските пари на Агенцијата Еразмус+ завршувале кај лица блиски до СДС, и тоа за сомнителни проекти кои немаат никаква врска со образованието и едукација на младите“, се наведува во соопштението на партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, во истиот период дури и фризерница добила средства од Еразмус+, и тоа за проект поврзан со медиумска писменост. За овој проект, Заев и Димова на фризерскиот салон му доделиле над 270 илјади евра во период од три години.
„Станува збор за фризерско студио со само две столчиња, на кое Заев и Димова во период од неколку години му доделиле неповратни средства, односно грантови, во вредност од над 270 илјади евра. И овде, како и кај до сега објавените случи на доделени грантови од Еразмус+, сопственикот на фризерницата е поранешен граѓански и партиски активист на СДС“, се наведува во соопштението.
Повик до институциите за истрага на наводите за злоупотреби на средства
Партијата потенцира дека за овие случаи, како и за другите сомнителни доделувања на средства за партиски цели, јавноста покажала реакции, но обвинителството не презело конкретни чекори.
„Но, иако судии, професори, партиски членови и лица блиски до СДС се наполнија со пари за проекти вредни стотици илјади евра, одговорност немаше. Обвинителството и тогаш и сега молчи и ништо не презема за да ги испита сериозните индиции за сторен криминал и корупција“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ повикува судиите и обвинителите да престанат да ги штитат и да ги испитаат наводите за злоупотреба на финансиските средства за партиски цели.
„Одговорност мора да има, а моменталната паника и страв во СДС е токму поради тоа што на виделина излегува нивното корупциско и криминално владеење во Агенцијата Еразмус+“, завршува соопштението.