– На пример, имате пакет со 10 гигабајти интернет и го трошите за четири недели. Ако одите на седумдневен одмор во регионот, операторот очекува од вас да потрошите 2,5 гигабајти за една недела, односно една четвртина. Ако имате пакет со 10 гигабајти и потрошите 100 гигабајти, таа разлика ќе ја платите. Затоа, не се опуштајте со интернетот додека сте на плажа, затоа што бесплатниот роаминг не значи и целосно бесплатен интернет, објасни Игор Бојаџиев, за ММС.
За да се избегнат проблемите со корисниците кои поради неинформираност би можеле да потрошат повеќе интернет отколку што имаат во домашниот пакет, од АЕК велат дека според Правилникот, кога корисникот ќе го искористи својот мобилен интернет, операторот треба да прати барање до АЕК за стопирање на услугата и со тоа би се избегнале неочекувани сметки од 200 до 300 евра.
– Новите смартфони го мерат количеството на потрошен интернет, но не секогаш е точно. Кога симнувате некој фајл од 11 мегабајти, можно е да се случи да ви прекине интернетот и фајлот да запре на 3 мегабајти. Во меѓувреме кога ќе воспоставите интернет, фајлот ќе се симнува од почеток, објасни Бојаџиев.
Ова значи дека претплатникот кој има пакет со разговори кои се наплаќаат по 3 денари од минута и интернет од 10 гигабајти, а плаќа за СМС пораки по 5,9 денари со ДДВ, ќе може да се јавува без роаминг трошок за воспоставување повик и ќе го плати само повикот од три денари по минута. Ќе му се наплатат и СМС пораките по истата цена како и во Македонија, а ќе може да троши интернет пропорционално според Правилникот за политики за фер користење.
Операторите, пак, сакаат прво да го разгледаат Правилникот за политики на фер користење на роаминг услугите и на 1 јули на своите страници ќе ги објават сите ценовници и тарифници за користење мобилните услуги во овие земји, пишува ММС.