Високите температури предизвикуваат зголемен број повици за здравствени тегоби, при што на дневно ниво се регистрираат повеќе од 200 повици. Институтот за јавно здравје апелира граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топлото време, со посебно внимание кај лицата над 60 години, бремените жени, децата, работниците на отворено и лицата со хронични заболувања.
Од ИЈЗ советуваат граѓаните да избегнуваат директно изложување на сонце и да носат светла и лесна облека. Доколку престојот на отворен простор е неопходен, се препорачува почесто да се одмораат под сенка и да избегнуваат директен престој на сонце.
Се препорачува и внесување умерена количина храна во текот на денот. Граѓаните треба да избегнуваат масна и висококалорична храна, како и производи што содржат голема количина шеќер.
Особено важно е да се внесува доволно течности во текот на целиот ден.
ИЈЗ предупредува и на опасностите од престојот во паркирани возила. Кога се наоѓаат во возило, граѓаните треба да го отворат прозорецот за да се овозможи вентилација, бидејќи целосно затворените возила стануваат многу жешки. Од Институтот нагласуваат дека никој не треба да се остава во возилото.
При какви било промени во здравствената состојба, граѓаните задолжително треба да се консултираат со својот матичен лекар. Здравствените власти воедно советуваат да не се зема терапија на своја рака.
Претходно, во јуни, Светската здравствена организација соопшти дека повеќе од 1.300 лица починале како последица на топлотниот бран низ Европа. Според тогашните податоци, околу 150 милиони луѓе живеат во услови на екстремни горештини.
