Според Министерството за здравство, во изминатото деноноќие регистрирани се нови 1.079 случаи, што е 339 повеќе во споредба со вчера.
– Новите случаи се потврдени од направените 6.732 тестови, што е 16 отсто од тестираните. Во исто време во списокот на закрепнати се впишани 804, додека за жал и покрај сите напори на здравствениот персонал починаа пет пациенти на возраст од 56 до 77-годишна возраст, соопшти Министерството.
Моментно активни на болеста се 12.399, од нив во двете ковид болници се хоспитализирани 152 лица, од нив 18 се наоѓаат во тешка состојба.
Министерството апелира на итна имунизација со која досега се опфатени повеќе од 1,5 милиони граѓани.
Премиерот Еди Рама денеска ги предупреди студентите, за кои вакцинацијата е задолжителна, дека доколку не се имунизираат нема да може да влезат на универзитетите.
Освен за студентите, вакцинацијата е задолжителна и за професорите, просветните работници, администрацијата, полицијата, фармацевтските работници и лаборантите. Тие треба да поседуваат сертификат дека се вакцинирани до крајот на месецов.