Најмалку пет војници на проиранска група загинаа рано утринава во Ирак во американски напади врз две локации јужно од главниот град Багдад, изјавија два безбедносни извори.

Претходно, командата на американската војска за Блискиот Исток, Центком, објави дека извршила прецизни напади на две локации во Ирак како одмазда за неодамнешните напади на проиранските групи врз американските војници и силите на меѓународната коалиција кои се борат против екстремистите во Ирак и Сирија.

Овие американски напади се први извршени на територијата на Ирак од почетокот на војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас во Газа.

„Пет членови на „бригадата на Хезболах“ беа убиени во бомбардирањето на секторот Дурф ал-Сакр“, изјави денеска анонимен претставник на ирачката служба за безбедност.

Официјален претставник на групата Хашд ал-Шааби, коалиција на поранешни паравоени сили која е интегрирана во редовните сили, рече дека петмина нејзини борци се мртви, а четворица се повредени.