Според, пропратната илустрација на информацијата од Министерството за внатрешни работи, кај еден од возачите инструментот пoкажал присуство од дури 4,28 промили алкохол во крвта. Тоа за малку е повеќе од досега реекордните 4,26 промили алкохол кои на 10-ти октомври во 22:03 часот му биле измерени во крвта на возач кој бил запрен од сообраќајната полиција во Македонија.
Денешниот дефинитивно е македонски рекорд во измерени промили на алкохол во крвта бидејќи според досегашните сознанија, најголемото количество алкохол во крвта кај учесник во сообраќајот измерено со дрегер изнесувало 3,87 промили, во јули годинава.
Не е дозволено повеќе од 0,5 промили алкохол во крвта бидејќи првите пречки при управување на возилото се јавуваат на 0,8 промили алкохол.
Лекарските и медицински факти околу присуството на алкохол во крвта велат дека со 2,5 промили алкохол во крвта веќе се јавуваат сериозни пречки на сите ментални и физички функции. Се зголемува и ризикот од задушување при повраќање, како и од повреди при паѓање или друг вид на несреќа.
Со 3 промили во крвта можно е да дојде до ненадејно губење на свеста и тешко будење и освестување од таквата состојба.
3,5 промили веќе претставуваат сериозен проблем и може да доведат до појава на кома. Ова количество алкохол по својата јачина е еднакво како и јачината на една анестезија при хируршка интервенција.
Четири и повеќе промили алкохол предизвикуваат состојба на кома, а многу веројатно и смрт пред се заради престанок на дишење, многу нискиот крвен притисок и задушување при повраќање.