Во централната кинеска провинција Џиангси за првпат е прогласен „црвен аларм“ поради недостиг на вода, бидејќи нивото на водата во најголемото кинеско езеро Појанг падна на рекордно ниско ниво.
Појанг е витален извор на вода за најголемата кинеска река Јангце, а поради сушата во последните три месеци нивото од 19,43 метри падна на само 7,10 метри.
Се очекува нивото да продолжи да опаѓа бидејќи во блиска иднина не се очекуваат посериозни врнежи.
И во соседната провинција Анхуи ситуацијата е алармантна бидејќи 10 акумулации таму не можат да испуштаат вода низводно.
Во август беше забележана рекордна висока температура на 267 метеоролошки станици ширум Кина, а бројни посеви беа уништени поради ниското ниво на Јангце.
Во последните денови во југозападна Кина имаше обилни дождови кои до некаде ја спасија ситуацијата, но централните делови на земјата сè уште се соочуваат со многу суви услови кои траат веќе 70 дена.