Прличев награден во Атина пред 166 години

Во Охрид ќе се одбележи значајна годишнина поврзана со книжевното дело на Григор С. Прличев, преку низа активности организирани од институциите. Поводот е успехот што Прличев го постигнал во Атина во 1860 година со поемата „Сердарот“, кога ја освоил првата награда на книжевен конкурс и го добил признанието „Втор Хомер“.

По повод 166 години од овој настан, НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе реализира проект посветен на неговото творештво.

Ученици ќе учат за делото на Прличев

Проектот „Калдрмата шепоти за Прличев“ вклучува 10 ученици од шесто одделение од училиштето што го носи неговото име.

Учениците најпрво ќе се запознаат со ликот и делото на Прличев во библиотеката, а потоа ќе ја посетат Спомен-куќата. Воедно, ќе бидат информирани и за други споменици и музеј-куќи во стариот дел на Охрид.

„Учениците најпрво ќе се запознаат со ликот и делото на Прличев во Библиотеката, а потоа заедно со мене и уште двајца колеги ќе ја посетиме Спомен-куќата на Прличев, при што попатно ќе бидат информирани и за останатите споменици и музеј-куќи во стариот дел на Охрид,“ вели библиотекарот Весна Симоновска.

Бесплатна проекција на документарен филм

По истиот повод, Културниот центар „Култ“ во соработка со библиотеката организира проекција на документарниот филм „По стапките на Прличев“.

Филмот е работен по сценарио и режија на м-р Милчо Јованоски, а е во продукција на библиотеката. Целта е да се прикаже животот и делото на Прличев и да се доближи неговото творештво до пошироката публика. Проекцијата е бесплатна и отворена за сите, а ќе започне во 13:30 часот.

Снимањето на документарецот е поддржано од Општина Охрид. Снимател бил Емил Јовановиќ, додека постпродукцијата ја работела Сандра Јовановиќ. Филмот за НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид го изработило LOVE & LIFE STUDIO од Охрид.