Илјадници пожарникари се борат со пожарите низ Европа.
Големи шумски пожари беснеат во Португалија, Шпанија, Франција, Грција и други европски земји.
Шумските пожари се проширија на југозападот од Франција на речиси 10 илјади хектари. До денес, повеќе од 12.000 луѓе се евакуирани од провинцијата Жиронд, а повеќе од 1.000 пожарникари се обидуваат да ги стават под контрола пожарите.
„Со оглед на временските услови и високите ризици од појава на пожари, властите привремено го оневозможија пристапот до шумските површини за професионални и рекреативни активности“, се вели во соопштението. Локален жител ги опиша за Би-Би-Си шумските пожари во близина на францускиот југозападен брег на Атлантикот како „пост-апокалиптични“ .
Под контрола шумскиот пожар на Крит
Шумскиот пожар што од вчера беснее на островот Крит, јужно од пристанишниот град Ретимно, денеска е ставен под контрола. Грчката противпожарна бригада соопшти дека цела ноќ се бореле со пламените јазици. Шест села беа евакуирани. Иако пожарот се приближил до населените места, ниту една куќа не е зафатена, изјави за Скаи градоначалникот на општината Агиос Василејос.
Според последните податоци на терен биле ангажирани 110 пожарникари со 33 противпожарни возила. Во зори со работа продолжиле пет противпожарни хеликоптери. Во регионот дувале бурни ветрови кои постојано го ширеле огнот.
Министерството за климатски кризи и заштита на граѓаните повторно предупреди на „многу висок ризик од шумски пожари“ во пет региони во земјата. Нивото на тревога четири – од пет – важи за регионот Атика со главниот град Атина, како и за островите Евбеја, Крит, Хиос и Самос, меѓу другите.
Надлежните апелираа до граѓаните во никој случај да не палат оган на отворено. Да потсетиме, во Грција во средата двајца членови на екипажот загинаа при пад на хеликоптер во морето. Хеликоптерот учествувал во гаснењето на шумски пожар на островот Самос.
Пилот на Канадер загина во Португалија
Во Португалија, каде што една недела владее интензивна топлина, избувнаа голем број пожари, а спасувачката служба синоќа извести за десетина активни пожари кои ги гаснат повеќе од 900 пожарникари. Во исто време, исто така на северот на Португалија, голем пожар беснее во општината Бајао, ридска област во областа Порто.
Од почетокот на 2022 година, во Португалија изгореле нешто повеќе од 30 илјади хектари, што е најмногу од 15 јули 2017 година, година која ја одбележаа смртоносни пожари во кои загинаа стотици луѓе.
Канадер вклучен во гаснење на шумски пожар во Португалија се урна вчера рано навечер во близина на Вила Нова де Фоз Кое, во областа Гарди, на север, при што загина пилотот на авионот без други луѓе во него, соопшти цивилната заштита.
Пожари беснеат и во Италија
Пожар избувна и во популарната италијанска туристичка дестинација Бибионе. Туристите мораше да ги спаси крајбрежната стража. Неколку противпожарни бригади, вклучително и еден противпожарен хеликоптер, го гасеа пожарот на границата меѓу провинцијата Венето и Фриули-Венеција Џулија. Тие го локализираа пожарот до вечерта.
Поради екстремната суша, противпожарните бригади се борат со пожарите низ цела Италија. Деведесет пожарникари, два хеликоптери и два противпожарни авиони беа распоредени во Фрасилонго во северната италијанска провинција Тридент за шумски пожар на површина од околу 70 хектари.
Масовна евакуација во Шпанија
Во јужна Шпанија, во близина на Коста дел Сол, околу 2.300 луѓе мораа да побегнат од пожарот што се ширеше во близина на Мијас, недалеку од Малага. Пожарот избувна и во близина на националниот парк Монфраг во регионот Екстремадура, недалеку од Португалија, каде температурите во 7 часот наутро достигнале и до 37 степени Целзиусови.
Шпанскиот премиер Педро Санчез на Твитер објави дека внимателно го следи развојот на активните пожари.
„Многу сум свесен за развојот на активни пожари кои поттикнаа евакуација и зафатени области со големо природно богатство. Да бидеме внимателни. Соочени со високи температури, ние сме во екстремна опасност“, напиша Санчез на Твитер.
Од вторникот температурите достигнаа 47 степени во Португалија и над 40 во Шпанија, што дополнително ги подгреа пожарите. Повеќе од 300 луѓе во двете земји починале од горештините, јавува шпанската новинска агенција Ефе.