Француските цариници во петокот во Марсеј заплениле рекордно количество кокаин на брод што пловел од Чиле, соопштила владата. Станува збор за 514 килограми.
„Ова е најголемата заплена на кокаин во пристаништето досега“, се вели во соопштението на Министерството за финансии.
Во последната голема операција во 2020 година, запленети биле 291 килограм кокаин, додаде регионалната царинска управа на Марсеј за АФП. Вредноста на запленетиот кокаин се проценува на 17 милиони евра, а на црниот пазар на 36 милиони, информираат царината и министерството.
Цариниците во петокот по случаен избор одбрале контејнери што ги прегледале со рендген, а во паркетот на контејнерот пронашле неколку спортски кеси со дрога. Кога ги отвориле, пронашле речиси 450 пакетчиња кокаин.
„Оваа техника, која се состои од товарење на наркотици заедно со легален товар, позната како „рип-оф“, е особено популарна меѓу криминалните организации“, се вели во соопштението.
„Дрогата се внесува во бродот во последен момент без знаење на сопственикот, а помагачите брзо ја преземаат“, изјавил Жан Батист Гај од Царинската служба.
Минатата година француските цариници заплениле 18 тони кокаин, што е за 106 отсто повеќе од 2020 година, објавија француските медиуми.