За 26 отсто се зголемил бројот на пожари во Грција во 2021 година, споредбено со просечниот број за периодот 2008-2020 година, а вкупната изгорена површина бележи екстремно голем пораст, околу 450 проценти над просекот за истиот период, пишува порталот „Метео“ на Националната опсерваторија во Атина, презентирајќи ги податоците од Европскиот систем за информации за шумски пожари, јави дописничката на МИА од Атина.
-Врз основа на овие податоци, Грција е рангирана на првото место меѓу 15 -те медитерански земји за кои е извршено истражувањето и со голема разлика пред Турција, што е на второто место и Кипар на третото, кои исто така бележат значителен пораст, пишува „Метео“.
Според истите податоци, од почетокот на годината, заклучно со синоќа, во Грција биле регистрирани 58 големи шумски пожари во кои изгорела површина од 116.165 хектари.