Властите во Иран денеска уапсија едно лице за наводна поврзаност со двајца француски државјани кои претходно беа уапсени под обвинение за шпионажа.

Иранската државна телевизија соопшти дека уапсената личност е марксист и дека била во контакт со француски државјани во пресрет на Меѓународниот ден на трудот – 1 мај, со цел „да предизвика немир меѓу работниците“.

Името и полот на лицето, обвинето за организирање работници и наставници за улични демонстрации, не се објавени.

Иран во мај објави дека се уапсени Сесил Колер и Чак Парис, наведувајќи дека се сретнале со наставници кои протестирале, учествувале во антивладините демонстрации и работеле на организирање протести за да предизвикаат немири во земјата.

Франција објави дека Сесил Колер е функционер на синдикатот на наставници и дека со партнерот била на одмор во Иран.

Во последните недели, иранските наставници организираа неколку штрајкови и протести во градовите низ земјата. Тие бараат поголема плата и подобри услови за работа.