Во Истанбул започна со работа заедничкиот координативен центар формиран според договорот за продолжување на извозот на жито од пристаништата во Украина, соопшти денеска Министерството.
Свеченото отворање на центарот ќе се одржи утре со обраќање на турскиот министер за одбрана Хулуси Акар.
Заедничкиот координативен центар е формиран според договорите што Русија и Украина ги потпишаа одвоено со Турција и Обединетите нации пред четири дена. Како што е наведено, ова ја отвора вратата за извоз на милиони тони украинско жито преку Црното Море, како и руско жито и ѓубриво.
Сепак, само еден ден пред постигнувањето на договорот, руски ракети го гаѓаа украинското црноморско пристаниште Одеса.
Обединетите нации (ОН) претходно денеска соопштија дека извозот на жито од Украина треба да започне во наредните денови и во исто време го осудија руското гранатирање на Одеса само неколку часа по договорот за обновување на извозот на жито.
– Житарки ќе се извезуваат од Одеса, Черноморск и Јужни, најави портпаролот на ОН Фахран Кан и додаде дека ОН сакаат да обезбедат услови за безбедно патување на бродовите.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија не презела никакви обврски при потпишувањето на договорот во Истанбул, што ќе ѝ забрани да изврши „специјална операција“, уништување на воена инфраструктура и други воени цели.
Москва соопшти дека ударите на воените инсталации во Одеса не треба да влијаат на договорот за извоз на жито, што е во спротивност со соопштението на Белата куќа, која по осудите изрази сомнеж дека нападот го доведува во прашање договорот за жито меѓу Москва и Киев.