Навивачите револтирани, најавени заминувања од врвот на федерацијата

Фудбалската репрезентација на Италија нема да игра на уште едно Светско првенство, што предизвика силни реакции и разочарување во земјата со четири светски титули. По поразот на пенали од Босна и Херцеговина, јавноста и натаму реагира бурно, а дел од навивачите незадоволството го изразија и со вандализам пред просториите на федерацијата.

Од политичкиот врв веќе се бара одговорност за неуспехот. Министерот за спорт Андреа Абоди најави дека ќе побара оставка од претседателот на фудбалската федерација, Габриел Гравина, кој ја извршува функцијата од 2018 година.

Најавени оставки и неизвесност во репрезентацијата

По елиминацијата, притисокот расте и врз останатите структури во репрезентацијата. Координаторот Џанлуиџи Буфон претходно најави дека ќе се повлече доколку Италија не избори пласман, а сега посочи дека ќе остане уште извесен период додека трае процесот на консолидација.

Заминување најави и селекторот Џенаро Гатузо, но конечната одлука ќе ја донесе по состанокот со раководството на федерацијата.

Неуспехот да се обезбеди место на Мундијалот отвори сериозни прашања за иднината на италијанскиот фудбал и начинот на кој се води репрезентацијата.