Најновите сателитски податоци покажуваат дека бројот на исечени стебла во бразилскиот дел на Амазонија во јануари го надминал бројот од истиот месец минатата година, јави Би-Би-Си.
Според британскиот медиум минатиот месец биле уништени пет пати повеќе шумски површини отколку во 2021 година, со што е соборен наслевниот рекорд од јануари 2015 година, откако се следат ваквите податоци.
Во јануари била исечена вкупна површина од 430 квадратни километри, што е седум пати поголем простор од површината на Менхетен во Њујорк.
Екологистите за ваквата состојба на забрзано уништувањ ена шумите го обвинуваат бразилскиот претседател Жаир Болсонаро.
Заштитата на Амазон е исклучително важна во борбата против климатските промени. Шумите се расчистуваат поради дрвата, но и поради проширување на површините за садење култури кои ги снабдуваат светските производители на храна.
На самитот за климатски промени COP26 во Глазгов минатата година, повеќе од сто влади ветија дека до 2030 година ќе го запрат и пресвртат уништувањето на шумите. Со оглед на најновите сателитски снимки од Националниот институт за вселенски истражувања на Бразил, прашање е дали бразилската влада го одржува ветувањето дека ќе ја зачува огромната прашума.
-Новите податоци уште еднаш открија дека владините дејствија се спротивни на кампањите за зелен маркетинг, изјави Кристијан Мазети од „Гринпис Бразил“.