Србите на северот на Косово сѐ уште се на барикадите. Тие веќе седми ден протестираат поради апсењето нивни сонародници, а синоќа во северна Митровица е уапсен Слаѓан Трајковиќ, еден од припадниците на косовската полиција што ја напуштија службата, јавува РТС.
Сопругата на уапсениот полицаец Сузана за РТС изјави дека во јужниот дел на Митровица ѝ било кажано дека нејзиниот сопруг е уапсен, префрлен во Приштина и обвинет за воени злосторства.
Таа додава дека прашала какви воени злосторства, по 23 години, имајќи предвид дека тој бил вработен во МУП. „Како што можете да видите, нема правда кон Србите. Овој терор повеќе не може да се издржи“, рече таа.
Веста за апсењето на Трајковиќ ја соопшти и директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија во Владата на Србија, Петар Петковиќ.
„Новото апсење, и тоа на поранешниот српски полицаец Слаѓан Трајковиќ на КиМ, покажува дека Курти продолжува со ловот на Србите, не сака да ги смирува тензиите и да ја деескалира ситуацијата! Како одеднаш се појавуваат докази против Србите што ги напуштиле институциите, а не постоеле додека биле дел од косовскиот систем“, напиша Петковиќ на Твитер.
Ова е четврто апсење за нешто повеќе од една недела на северот на Косово, а второ апсење на поранешни припадници на косовската полиција, потсетува Н1. Претходно минатата недела беше уапсен Дејан Пантиќ, што беше официјална причина за новите барикади што беа поставени на најмалку шест места на северот на Косово.
На новите тензии им претходеше масовно напуштање на повеќето косовски институции на северот на Косово во ноември годинава, кога и косовската полиција ја напуштија повеќе од 500 Срби.
Тензиите дополнително ги подгреа најавата за сега одложените избори, што доведе до инциденти во Зубин Поток и Митровица, кога Србите спречија претставници на ОИК и на полицијата да влезат во канцелариите на Општинската изборна комисија.
Потоа на северот на Косово беа распоредени, зголемени сили на КП, по што и се случија апсењата.